Шпанија без мака преку Ангола, следна е Македонија

mec baner

Селекцијата на Шпанија останува на врвот од групата Б откако и на третиот натпревар во Мец забележа убедлива победа, овојпат над аутсајдерот Ангола изразена со конечни 42-22. „Црвената фурија“ немаше никакви проблеми против најслабата репрезентација во групата, за десет минути постигна десет гола и експресно поведе со убедливи 10-2. Откако експресно се „одлепија“, тие почнаа да играат нешто „помеко“ во одбраната, па Ангола до крајот на полувремето ја одржуваше негативата околу десет гола, за на одмор да се замине со 21-10.

Второто полувреме мина во рутинска игра од страна на фаворитот, шпанскиот селектор им даде шанса на речиси сите играчи освен на пивотот Агинагалде, кој доби заслужен одмор. Тоа воопшто не се одрази на резултатот, Шпанците дополнително ја зголемија предноста се до конечните дваесет гола разлика.

Анхел Фернандез постигна девет гола од десет обиди за Шпанија, додека Ривера и Балагуер по шест пати се запишаа меѓу стрелците.

Селекцијата на Шпанија утре е слободна, а в среда за противник во четвртото коло ќе ја има Македонија. Ангола пак својот меч од четвртата рунда ќе го игра утре против селекцијата на Исланд.

Се вчитува...