Шпанија го наплаќа шведскиот долг од пред 20 години

Шпанија вечерва ќе се обиде да ја продолжи серијата добри игри на ЕП 2018 и да ја совлада Шведска (20.30 часот), со што „црвената фурија“ конечно би ставила крај на „клетвата“ и серијата порази на оваа селекција во финалните натпревари од европските шампионати. Шпанците досега играле четири финалиња на ЕП и претрпеле исто толку порази, вклучувајќи го тука и оној последниот од ЕП во Полска пред две години, кога во битката за златото капитулираа пред Германија.

„Фуријата“ им се одмазди на Германците елиминирајќи ги уште во главната фаза, потоа следеше лекција за светскиот првак Франција, за денеска да се излезе на мегдан со Шведска, репрезентација од која го загубија финалето на ЕП одиграно пред 20 години, со резултат 23-25.

„Не гледаме на тоа како на клетва, туку на непријатна традиција што сакаме да ја прекинеме. Судбината е во наши раце и ќе сториме се за да стигнеме до златото“ – изјави капитенот Раул Гонзалес.

Клуч за Шпанија ќе биде играта во одбрана, каде оваа селекција доминира на шампионатот во просек примајќи само 23,7 голови по натпревар, три помалку од репрезентацијата на Шведска.

Швеѓаните веќе претрпеа три порази на овој шампионат, од Исланд, Норвешка и од Франција, но сепак со сплет на околности стигнаа до полуфиналето, каде по голема битка ја совладаа Данска.

„Тимскиот дух е нашиот главен квалитет, играме добро, но истовремено и се забавуваме на теренот. Мило ми е што им донесовме радост на нашите навивачи, но сега сакаме заедно да славиме со триумф во финалето“ – истакна Никлас Екберг, еден од клучните ракометари во шведскиот состав.

Се вчитува...