Шпанците се разбудија и го одведоа Челси во полуфинале

Челси останува во игра за освојување на трофејот во ФА Купот, откако лондонскиот клуб славеше со 1-2 над Лестер, пласирајќи се во полуфиналето од најстарото фудбалско натпреварување. Во вистински момент за „сините“ се разбудија шпанските офанзивни фудбалери, Алваро Мората и Педро, кои ги постигнаа погодоците за победа на незгодното гостување, воедно и најавувајќи излез од својата голгетерска криза во која се најдоа во последно време.

Резултатот беше отворен пред крајот на првото полувреме, откако Марез загуби топка пред шеснаесетникот на Челси, Вилијан експресно отвори контранапад и го проигра во празно Мората, а шпанскиот голгетер го постигна својот прв гол во 2018 година, по пауза од 13 натпревари без да ја затресе противничката мрежа.

Избраниците на Конте делуваа како да имаат контрола над ситуацијата, но еден мал пад во концентрацијата ги промени работите. Лестер имаше шанса во противничкиот шеснаесетник, се создаде мешаница во која на вистинско место се најде Варди, сместувајќи ја топката зад грбот на Кабалјеро.

Клучен момент беше замената на Конте, Педро на местото на Вилијан бидејќи токму шпанскиот ас го постигна победничкиот погодок во првото продолжение, со прецизен удар со глава совладувајќи го Шмајхел на асистенција на Канте.

Претходно, пласман во полуфиналето од ФА Купот на Англија обезбедија екипите на Тотенхем, Манчестер јунајтед и Саутемптон.

Се вчитува...