Штербик: Ова е победа за фер-плеј

Арпад Штербик со 21 одбрана беше главниот фактор и креатор на победата на Вардар против Кристијанштад во јубилејниот 100.натпревар за „црвено-црните“ во Лигата на шампионите. Вардар веќе ја имаше обезбедено првата позиција во групата и директниот пласман во четвртфиналето, независно од исходот на овој последен натпревар од групната фаза во ЛШ, но вардарци одиграа на високо ниво и ја остварија целта – со победа да ја завршат оваа фаза. Поразот во Скопје го исфрли Кристијанштад од борбата за осминафиналето и му обезбеди место во Топ 16 на ППД Загреб. Токму затоа победаат на Вардар и одбраните на Штербик вечерва се славеа и во Хрватска.

Се плашев од овој меч бидејќи Кристијанштад е одлична екипа. Досега секогаш со нив сме играле позитивно, но секогаш сме имале тешки натпревари. Моите стравувања се потвдрија и денеска, моравме добро да се испотиме за да ги победиме. Тие се млада екипа но добро играат. Нам кога ни требаше некако имавме среќа, иако некои мечеви не ги одигравме баш најдобро. Денеска требаше да победиме и за нас и за фер плејот“ – изјави Арпад Штербик по триумфот над Кристијанштад.

Вардар по четврти пат по ред ќе игра во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но прв пат „црвено-црните“ обезбедуваат директно место во Топ 8 што е последна пречка пред Ф4 турнирот во Келн. Групната фаза од ЛШ, вардарци ја завршуваат со десет победи.

„Задоволен сум што сме на првото место. Сега имаме пауза и треба да се подготвиме за четвртфиналените натпревари во април. Горд сум на млоите играчи за се што направија и што постигнаа од почетокот на сеозната досега“ – истакна тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Во четвртфиналето од ЛШ, противник на Вардар ќе му биде победникот од осминафиналниот дуел меѓу Фленсбург и Мешков Брест.

Се вчитува...