Штрајк во Работнички, кошаркарите ги чекаат платите што им се должат!

Работнички го заврши првиот дел од сезоната со скор од седум победи и еден пораз во Првата лига, но ситуацијата во најтрофејниот македонски кошаркарски колектив е далеку од идеална. Имено, кошаркарите и стручниот штаб штрајкуваат откако управата на Работнички, клуб предводен од Општина Центар, не ги исполнила ветувањата дадени за исплата на платите пред новогодишните празници.

Кошаркарите, кои со голем успех настапуваа на терените и внесоа оптимизам меѓу навивачите, немаат земено плата за претходните три месеци, па јасно е незадоволството во нивните редови, уште повеќе ако се земе во предвид индолентниот однос на водечките луѓе од кои не добиле ниту конкретна информација кога може да ги очекуваат парите што им се должат. Во ситуација кога новогодишните прослави ги минале без парите што ги имаат одработено и заслужено, играчите нема да се појават на првиот тренинг во 2017 година што требаше да се одржи вечерва.

Штрајкот стартува, а на потег е управата да се јави и да почне да ги решава проблемите кои се повеќе се таложат. Време нема премногу, бидеjќи сезоната во Првата лига продолжува на 21 јануари, а по неа во март и Супер-лигата во која ќе почне со вистинската борба за трофеи, борба што со оглед на актуелните проблеми делува предалечно за Марин Докузовски и неговите избраници.

Се вчитува...