Шундовски и Георгиевски во победничка серија со ЧСМ Букурешт

Четири победи и едно реми во последните пет натпревари во првенството на Романија има екипата на ЧСМ Букурешт која од клупата ја предводи Звонко Шундовски, а во составот е Гоце Георгиевски. Во последниот натпревар од 22.коло, ЧСМ Букурешт на домашен терен славеше убедлива победа против Фагараш со 34-23 и со новите три бода се искачи на втората позиција на табелата.

Гоце Георгиевски постигна два гола во победата на домашниот тим во кој најефикасен беше Нику Негру со осум погодоци.

„Македонското“ дерби во Романија меѓу екипите на Темишвар со Филип Лазаров и Златко Даскаловски и Одорхеи во чиј состав се Горан Кузманоски, Гоце Ојлески и Милорад Кукоски, заврши без победник (31-31). Лазаров беше прв стрелец во составот на Темишвар со максимални седум од седум, а Даскаловски запиша 10 одбрани. Кај Одорхеи, Гоце Ојлески постигна три гола, а Кузманоски и Кукоски завршија без погодок.

По сигурните настапи во првиот дел од сезоната, екипата на Суд Констанца за која настапува Бранислав Ангеловски, влезе во лоша серија и загуби чекор со екипите од врвот. На гостувањето во Букурешт,  Констанца неочекувано беше поразена од Стеауа со 30-27. Гостинскиот тим на овој натпревар не искористи дури пет од вкупните седум седмерци. Ангеловски постигна два гола за Констанца.

На табелата во првенството на Романија, прв е тимот на Динамо Букурешт кој има 56 бода и веќе ја обезбеди лидерската позиција во регуларниот дел од сезоната. ЧСМ Букурешт е на второто место со 46 бода, исто колку што има и третопласираната Турда. На наредните три позиции, до 4 до 6 место се Констанца и Одорхеи со по 41 бода и Темишвар со 32.

Се вчитува...