Силекс против Шкендија за продолжување на низата од осум меча без пораз

Дербито од 15. коло во Првата македонска фудбалска лига денеска од 13 часот се игра во Кратово каде Силекс ја пречекува Шкендија во обидот за продолжување на низата од осум едноподруго натпревари без порази.

Шкендија, сосема јасно, ја носи фаворитската улога пред пресметката, но составот на Жикица Тасевски од друга страна е цврсто решен да продолжи со извонредниот ритам кој, по осум меча без пораз, го смести во водечката тројка на табелата.

Интересно, последниот пораз на кратовци во шампионатот беше токму од Шкендија уште во септември…

„Желбата е да продолжиме со квалитетните игри. Јасно е дека имаме и сили и мотив за максимално надигрување со еден од најдобрите тимови во лигата. Шкендија е фаворит, но ние имаме свои цели од кои не се откажуваме, посебно кога играме пред нашите навивачи“ – вели стратегот на Силекс, Жикица Тасевски.

Силекс нема примено гол на последните четири натпревари. Сега на сериозен тест ќе го има, пак, најдобриот напад во лигата кој досега на 14 натпревари има постигнато дури 40 погодоци.

„Како и на секој натпревар така и сега Шкендија оди на победа во Кратово. Знаеме дека не чека тежок противник. Ќе имаме и тежок терен за игра под лоши временски услови, но сето тоа се остава на страна затоа што мора да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваната победа“ – вели десниот бек на Шкендија, Мевлан Мурати.

ДВОЈКИ – 15. КОЛО (денеска, 13 ч.)

Тетово: РЕНОВА – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА

Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА

Скопје: СКОПЈЕ – ШКУПИ

Битола: ПЕЛИСТЕР – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Се вчитува...