Силни кога е најтешко – Македонија е во осминафиналето на СП!

БРАВО момци! Македонија е во осминафиналето на Светското првенство за ракометари до 21 година во Алжир. Цврстата одбрана и храбрата и пожртвувана игра во нападот на македонските ракометари им донесе  победа против Бразил  со 28-23   во решавачкиот последен натпревар од групната фаза и остварување на посакуваната цел – пласман во Топ 16 на СП.  Со третата победа во групната фаза, Македонија заврши на втората позиција во групата Ц и во осминафиналето на СП ќе игра против третопласираната репрезентација од групата Д (Алжир или Аргентина) . Во прилог на нашите ракометари им одеше и поразот на Тунис од Шпанија (21-25), по кој Тунис остана со 5 бода на третото место, а Македонија со еден бод повеќе заврши на втората позиција зад Шпанија.Четвртиот осминафиналист од групата Ц е селекцијата на Русија, а без плсамн во Топ 16 останаа Бразил и Буркина Фасо.

Како што најави селекторот Илија Темелковски пред натпреварот со Бразил, македонските ракометари максимално ангажирно влегоа во дуелот, решени да не ја испуштат историската шанса за осминафинале. Капитенот Филип Талески го постигна првиот гол, а Мице Шилегов погоди за почетно водство од 2-0. Сигурната игра во нападот беше дополнета и со цврста одбрана со Талески напред во одредени ситуации што го парализира нападот на Бразилците кои во текот на целото прво полувреме бркаа резултат, но ниеднаш не дојдоа во водство.

Македонија направи мини серија со играч помалку кога Филип Кузмановски беше исклучен на две минути, Марко Нелоски погоди за 9-8, Мартин Томовски одбврани зицер, а Мартин Велковски прв пат ги однесе „црвено-жолтите“ на +2 (10-8). Кузмановски го заработе и второто исклучување на осум минути пред крај на првиоѕт дел, но за среќа тоа не ја наруши сигурната игра на македонскиот состав. Одново Велковски беше прецизен ис о својот четврти погодок зголеми на 12-9 во 25.минута. Бразилците се обидоа да ги сопрат македонските бекови со длабока 4-2 зона, но Темелковски тогаш одигра со седум играчи во напад и со Нелоски на втор пикер што се покажа како добар потег во вистински момент. Македонија дојде до највисоки четири гола предност (14-10), а на одмор замина со водство од 14-11.

Талески веднаш на стартот на вториот дел ја врати Макеоднија на +4 (15-11). Но, потоа како по правило, следуваа серија грешки и брзоплети потези на македонските ракометари во нападот, а Бразил го искористи тоа, направи серија од 3-0 и намали на 15-14, а потоа и на 17-16 по првите десет минути од второто полувреме.

Македонските ракометари го издржаа притисокот од Бразил и играа рационални и трпеливо во нападот и повторно ја зголемија предноста кога Велковски постигна два гола во серија за водство од 20-17 на стартот од последната четвртина. Но, не се предаваа ни Бразилците. Упорноста им се исплати и со голот на Патрик Лемос дојдоа до изедначувањ ена 21-21 на десет минути пред крај, а веќе во следниот напад дојдоа и до првото водство (21-22) внесувајќи неизвесност во финишот на натпреварот.Талески имаше мирна рака за ново изедначување, а потоа и за ново водство со 23-22 на шест минути пред крај. Никола Даниловски ја имаше можеби и клучната одбрана на овој натпревар,  Филип Кузмановски тоа го ефектуираше со ефектен погодок за водство од 24-22, а Шилегов зголеми на 25-22 за поголема сигурност во завршните три минути.  На +3 веќе се беше многу полесно, македонските ракометари покажаа дека можат да бидат најсилни кога е најпотребно, го посакуваа  осминафиналето на СП и ја заслужија и победата против Бразил. Мице Шилегов стави точка на овој историски натпревар за младите македонски ракометари за  конечните 28-23, а потоа следуваше ерупција од емоции и заслужена прослава на мундијалското осминафинале.

Филип Талески го предводеше нападот на македонската репрезентација со седум погодоци, одлична партија и шест гола во мрежата на Бразил запиша Мартин Велковски. Пет гола постигна Мице Шилегов, а по четири запишаа Филип Кузмановски и Филип Арсеновски.

Се вчитува...