Симоновски разочаран: Како после ова пак да заиграм за Македонија?!

Марко Симоновски не го крие своето разочарување од третманот од страна на МКФ, откако Петар Наумоски и неговите најблиски соработници не сакаат да ја прифатат вината за неговата повреда, оставајќи го крилниот кошаркар неколку месеци без плата што редовно ќе беше покриена од ФИБА доколку МКФ благовремено ги осигураше кошаркарите од првиот ден на подготовките.

Симоновски се повреди неколку дена подоцна и се уште е „во аут“, но МКФ наместо да ја признае грешката формираше комисија која донесе трагикомична одлука – повредата била стара.

Останува прашањето кој лекар (на прегледи пред почеток на подготовки) дал зелено светло Марко Симоновски да почне да тренира доколку навистина е повреден, но и отворената дилема кој играч со било каков, макар и минимален здравствен проблем, ќе одговори позитивно на повик од МКФ и селекторот, по ваков мизерен третман кон еден искусен играч како Симоновски.

Не знам што да речам, премногу сум разочаран. Формираат комисија за да утврдат каква повреда била, стара или нова, сакајќи да побегнат од клучното прашање – зошто ние играчите не бевме осигурани од првиот ден на подготовките. Се чувствувам изневерено, како после ова повторно да заиграм за Македонија, знаејќи дека ова може пак да ми се случи, а истите тие пак да побегнат од одговорноста. Не би говорел ништо повеќе, целиот случај ќе го образложам со соопштение до јавноста, за сите да можат да увидат што е вистината и каков е третманот на репрезентативците во Македонија“ – истакна Симоновски за ЕКИПА.

Се вчитува...