Симовски: Инсистирам на колективна игра, не на индивидуалци

Женската ракометна репрезентација на Македонија од настапот на подготвителниот турнир во Анталија се враќа со една победа и два порази, но и со многу појасна слика за предностите и за слабостите во играта што треба да се корегираат пред баражотза СП 2017 со Шведска. Ракометарките загубија од Русија и од Турција, а својот најдобар настап во Анталија го имаа во вториот дуел против Литванија. Селекторот Симе Симовски истакнува дека токму таквиот пристап и тој начин на игра е она што го бара од националниот тим

Добро ни дојдоа овие три натпревари како увертира пред баражот со Шведска. Сите репрезентации на овој турнир беа во комплетен состав и беа квалитетни противници. Првиот натпревар со Русија во полн состав, беше добар старт. Влеговме малку со посилно темпо отколку што очекувавме и одигравме добро и покрај крајниот пораз. Со Литванија одигравме фуриозно едно полувреме, како што треба и како што доликува да игра една репрезентација. Таа е играта што ја барам и што сакам да ја градиме во репрезентацијата. Во последниот дуел, Турција одигра еден фантастичен натпревар, држевме чекор во првото полуврме. За разлика од претходниот натпревар со Литванија, против Турција голманите имаа слаб учинок и тоа се одрази на играта и на резултатот“ – ги сумира впечатоците македонскиот селектор, по трите контролни натпревари одиграни во изминатите три дена.

Забелешките на селекторот се грешките во иднивидуалните акции кои како што вели, во наредните денови до баражот, ќе мора да се корегираат. Симовски инсистира повеќе на колективна игра во која поединецот игра за тимот, на не обратно.

„Потфрливме во одредени ситуации кои сакавме индивидуално да ги одработиме. Имаме време во наредните денови до баражот да го поправиме тоа. Ќе направиме анализа на овие натпревари и од утре ги почнуваме завршните подготовки за двомечот со Шведска“ – вели Симовски.

Македонската репрезентација на турнирот во Анталија настапи со 17 ракометарки. Во националниот тим по неколкугодишна пауза одново се врати Мирјета Бајрамовска, а тоа веднаш донесе и многу поголема ефикасност во нападот на македонската репрезентација.

„Како поединци не сакам никого посебно да издвојам. Инсистирам на колективната игра, не на индивидуалци. Ракометарките се веќе зрели за тој начин на работа и тоа ќе биде нашиот пат за успех, нема друго“– истакнува селекторот на македонската репрезентација.

Ракометарките денеска се враќаат од Турција и од утре почнуваат со завршните подготовки пред бараж двомечот со Шведска. Првиот натпревар од баражот за СП 2017 е на 10 јуни во СРК Кале во Скопје, а реваншот ќе се одигра на 13 јуни во Истад. Победникот од баражот обебзедува пласман на СП што ќе се одржи во декември во Германија.

Се вчитува...