Словаците не се помируваат: Премиерот Фицо со жалба до УЕФА

Не се смируваат страстите во Словачка откако оваа репрезентација не успеа да се пласира на полуфиналето од ЕП за млади фудбалери, по сомнителниот натпревар меѓу Италија и Германија. Двата вообичаено големи ривали одиграа со минимална победа на „аѕурите“ од 1-0, резултат што и на двете селекции им одеше во прилог, воедно и значеше елиминација на Словачка.

Откако во текот на вчерашниот ден реагираа селекторот и челниците на федерацијата, денеска на целиот случај се надоврза Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој испрати жалба до првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.

Нашата земја беше жртва на местење на натпревар со кој бевме исфрлени од Европското Првенство. Тоа беше организирана фарса меѓу две искусни фудбалски нации. Убеден сум дека инцидентот ќе биде темелно истражен од страна на УЕФА и дека ќе бидат поставени правила за во иднина – да се наградува спортскиот труд, воедно и да се стави крај на ваквите случувања“ – се вели во писмото на Фицо до Чеферин.

Јасно е дека жалбите на Словаците не можат да променат буквално ништо, па Германија е селекцијата што како најдобра второпласирана обезбеди учество на ЕП 2017 во Полска. Германците утре во првото полуфинале во 18 часот ќе се сретнат со Англија, а во вториот дуел во 21 часот Шпанија ќе ги одмери силите со Италија.

Се вчитува...