Со Тричковски и Пандев ќе ја напаѓаме Норвешка

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, полека ги склопува коцките на мозаикот за пријателскиот натпревар против Норвешка, што в сабота (18.30 часот) ќе се одигра на арената „Филип Втори“ во Скопје. Има доволно време за размислување и комплетирање на почетниот состав, но се наѕира фактот дека искусниот Иван Тричковски ќе добие шанса во нападот заедно со Горан Пандев, со оглед дека овојпат Илија Несторовски не е во комбинација на барање на италијанскиот клуб Палермо.

Популарниот Тричко последен пат беше стартер во дресот на Македонија на пријателскиот натпревар против Иран во Скопје, пред нешто повеќе од една година, кога загубивме со 1-3. Во квалификациите, селекторот Ангеловски се потпре на Нестор-гол и на Пандев како напаѓачки тандем.

ffm-trenig u21 - A -09.11 (4)

„Пријателските натпревари треба да послужат и за да се испробаат некои нови опции, да добијат шанса и други фудбалери. Сепак, нашиот фокус останува да продолжиме со добрите игри и позитивните резултати. Норвешка е квалитетна селекција, има свој посебен стил на игра, па затоа ќе биде и интересно да видиме како ќе им се спротивставиме“, изјави селекторот Игор Ангеловски на првиот собир, кога беше означен стартот на подготовките.

Ќе има одредени промени и во одбраната, кои ќе ги диктираат и повредите. Висар Муслиу поради повреда нема да биде во тандем со Дарко Велковски, но затоа шанса како стартер треба да добие Ѓоко Зајков, двоец кој играше заедно во младата фудбалска репрезентација до 21 година. Под лупа поради повреда е и Кире Ристевски, неговиот настап е се уште неизвесен, иако се чувствува се подобро. Во една таква ситуација, Ангеловски може да комбинира, дали евентуално Стефан Ристовски ќе пополни лево, а Радески да игра на десната странична позиција, или пак Алиоски да добие повторно поповлечена улога на левата страна, како офанзивен бек.

Во средниот ред, Барди, Спировски и Хасани повторно треба да ја креираат играта на нашиот национален тим.

Се вчитува...