„Соколи“ стартуваат во Унгарија во Еврокупот на ФИБА

Кошаркарите на Карпош соколи по елиминацијата од квалификациите за Лигата на шампионите се здобија со право за учество во групната фаза од Еврокупот на ФИБА. Македонскиот вицешампион својот настап во ова натпреварување ќе го стартува вечерва (18 часот) на гостувањето против Шолнок, тим што од сезонава го предводи ланскиот плејмејкер на „соколите“, Американецот Кендрик Пери. Згора на тоа, тренерот Даскаловски се соочува со сериозен проблем поради неиграњето на првиот центар Делиќ, кој поради вироза остана во Скопје и воопшто не отпатува со тимот во Унгарија.

„Ова е почеток на една нова авантура за нашиот тим и ние сме подготвени да го дадеме максимумот. Јасно ни е дека против себе имаме квалитетен противник, екипа што игра многу подобро на домашен терен отколку на гостувањата, што уште повеќе ја отежнува нашата задача во Унгарија. Сите добро ги знаеме квалитетите на Пери од ланската сезона, тука се и унгарскиот репрезентативец Војвода, како и хрватскиот центар Лукша Андриќ, потоа Страхиња Милошевиќ и уште неколку одлични кошаркари. Како и да е, ние остануваме на нашата зацртана цел, да одиграме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже шанса да стигнеме до победа“ – изјави Стојан Ѓуроски.

Покрај Шолнок, во групата на македонскиот вицешампион во Еврокупот на ФИБА се наоѓа уште еден унгарски претставник, Фалко Вулкано, како и рускиот прволигаш Нижњи Новгород.

Се вчитува...