„Соколите“ доведоа замена за Вркиќ

Карпош соколи успешно ги финишираше преговорите за ангажман на уште еден нов кошаркар. Станува збор за 31-годишниот Жарко Чомагиќ, кој ќе ја пополни дупката на крилната позиција што настана со повредата на Зоран Вркиќ. Тренерот Николиќ во последните десетина дена беше во интензивна потрага по ново засилување за овој дел од својот тим, за неговиот избор на крајот да падне токму врз Чомагиќ.

Станува збор за исклучително искусен кошаркар, кој сезоната ја почна во дресот на романскиот прволигаш Орадеа, а пред да дојде во таборот на „соколите“ одигра и три натпревари за ОКК Београд во првенството на Србија. Претходно во кариерата, тој има играно за екипите на Војводина, Познањ, Торун (Полска) и Фалко Тренд-оптика од Унгарија.

Србинот нема право да игра во преостанатите два натпревари од АБА-лигата, но ќе биде од голема помош за тренерот Драган Николиќ во атакот на титулата во македонското првенство, во кое „соколите“ заедно со шампионот МЗТ Скопје ќе се приклучат од Супер-лигата.

Се вчитува...