„Соколите“ го прелетаа МЗТ, „штрковите“ избегнаа катастрофа

Карпош соколи го демолираше МЗТ Скопје со резултат 104-93, израмнувајќи на 1-1 во финалната серија од плејофот и најавувајќи суперинтересна битка за трофејот. „Соколите“ не само што ја прекинаа низата од три порази на дуелите со „штрковите“ од Аеродром, туку со импресивниот настап уште еднаш ги потврдија амбициите на трофејот од Купот на Македонија да го додадат оној од првенството, за двојна круна во оваа фантастична сезона тимот од скопската населба Карпош. Избраниците на Драган Николиќ одиграа три перфектни четвртини, во последните десет минути влегоа со „плус 25“, но прерано се опуштија и му овозможија на гостинот да се врати и да се избори за попристоен пораз.

Што се однесува со МЗТ Скопје, Анте Назор и покрај добриот финиш на неговиот тим дефинитивно има многу проблеми за решавање. Хрватот најави подобра одбрана од првиот меч, но доживеа фијаско, па неговиот тим го заврши мечот со 104 примени поени и премногу дилеми околу огромните осцилации во пресрет на третиот меч што ќе се игра за три дена во Аеродром.

sokoli - mzt 8

МЗТ диктираше силно темпо во првите неколку минути, кога по две реализации под прекршок гостите набрзина поведоа со 3-10. Бојан Трајковски влезе во посакуваниот ритам, па со неколку погодени шутеви го врати домашниот тим во мечот. „Соколите“ добија на самодоверба, па како што минуваше времето, така и домаќините се повеќе ја преземаа контролата над играта и резултатот. Особено импресивно делуваше играта на Карпош соколи во нападот, за која шампионот воопшто немаше одговор. Позитивата на „сино-жолтите“ растеше како што се ближеше крајот на полувремето, па така откако резултатот на три и пол минути пред крајот на полувремето гласеше 46-40, домаќините ја финишираа четвртината со серија од 14-2, за на одмор да се замине со преубедливи 60-42 .

„Металците“ во ова полувреме имаа и дури 12 загубени топки во нападот, додека под кошевите му дозволија на противникот целосно да доминира во скоковите (18-9 за домашниот тим).

sokoli - mzt 3

МЗТ две и пол минути на стартот од третиот период не постигна поени, па „соколите“ стигнаа и до „плус 22“ (64-42) со двете положувања на Мавра. Шампионот сепак собра сили и направи мини-серија од осум поени со која се врати во игра, а згора на тоа Бојан Трајковски кон средината на четвртината ја направи и четвртата лична грешка, па мораше да биде повлечен од игра. „Соколи“ ја одржуваа позитивата околу 15 поени, но проблемите за тренерот Николиќ се зголемија во 27. Минута, кога на Трајковски му се приклучија и Мавра и Пери со по четири прекршоци. МЗТ Скопје не знаеше да го искористи тоа, па не само што гостите не се приближија, туку „соколите“ слично како и во вториот период пвоторно фуриозно ја завршија четвртината, во последните десет минути влегувајќи со резултат 81-65.

Домашните кошаркари предвреме почнаа да ја прославуваат победата, па МЗТ и со своите резервни кошаркари по неколкуте погодени тројки стигна до 87-72. Николиќ ги врати во игра Лабовиќ и Мавра, но МЗТ постигна уште пет поени, па при резултат 87-77 домашниот тренер беше принуден набрзина да побара уште еден тајмаут, во обид да ја прекине серијата на противникот од 11-0. Следеше нова загубена топка, па уште една тројка на Мекиќ, пред Бојан Трајковски да ја прекина серијата на МЗТ со поени од рекетот за водство на домаќините од 89-80. Мекиќ возврати со нов погоден шут, но домаќините повторно реализираа преку Трајковски. МЗТ Скопје погоди уште една тројка, шеста во низа, но гостите немаа сили за агресивна одбрана, по што Мавра лесно реализираше за 93-85 на една и пол минута до крајот.

sokoli - mzt 7

„Штрковите“ стигнаа до 96-91, а потоа судијата Феревски досуди сомнителен прекршок од Мекиќ врз Пери откако Американецот ја загуби топката (од главата му се одби во аут). Американецот ги искористи двете слободни фрлања и ги разреши дилемите околу победникот на овој меч, кој заврши со конечни 104-93.

Лабовиќ со 24 поени беше најефикасен кај Карпош соколи, пред Мавра со 19 и Трајковски и Пери со по 14 поени. Клоф со 19 и Лалиќ со 16 поени беа најефикасни во редовите на МЗТ Скопје при вечерашниот пораз.

Третиот натпревар од оваа финална серија ќе се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром.

Се вчитува...