„Соколите“ го спакуваа Работнички, одат на двојна круна

Карпош соколи продолжува да испишува нови страници во клупската историја, откако по освоениот трофеј во Купот на Македонија овој тим стигна и до своето прво финале во плејофот, славејќи со максимални 3-0 во полуфиналето против Работнички (65-76 во третиот натпревар). Вечерашниот дуел се одигра во театарска атмосфера, пред празните трибини во „Градски парк“ поради казната што им беше изречена на „црвено-белите“, кои трет меч во низа одлично им парираа на „соколите“, но ниту еднаш не успеаја да ги приземјат.

Гостите од Карпош подобро го отворија натпреварот и благодарение на Бојан Трајковски (девет поени) ја завршија првата четвртина со предност од 16-19. Одбраната на Работнички функционираше одлично на стартот од втората четвртина, гостите за неполни пет минути постигнаа само два поени, но потоа избраниците на Докузовски се соочија со проблеми во нападот, а „соколите“ го искористија тоа за на одмор да заминат со резултат 28-33.

polufinale zekovic

Лабовиќ погоди тројка на самиот старт од второто полувреме и ја најави одличната серија на гостинскиот состав. Работнички конечно успеа да влезе во ритам и да се приближи по двоцифрената негатива (31-41), домаќините стигнаа до 43-48, но потоа Зековиќ погоди тројка, па Соколов украде две топки и имаше лесни положувања за гостинскиот состав повторно да се одлепи резултатски.

Домашните кошаркари имаа еден последен обид да се вратат, откако одлично ја стартуваа последната четвртина и се приближија на само четири поени (54-58), но по тајмаутот на Николиќ гостите повторно се консолидираа, стигнаа до двоцифрена предност и на крајот славеа со конечни 65-76.

Бојан Трајковски со 21 поен беше клучен играч во овој триумф, заедно со Соколов кој постигна 14, додека најефикасни кај Работнички беа Чековски со 15 и Мираковски и Илиевски со по 12 поени.

Се вчитува...