„Соколите“ пак го надлетаа Кавадарци

Карпош соколи ја продолжи серијата добри игри во Кавадарци, па по трите победи во низа во Купот на Македонија „соколите“ славеа во салата „Јасмин“ и во рамките од Супер-лигата, совладувајќи го тимот на Фени индустри со резултат 78-90. Слично како и на големото финале во Купот, кавадарчани покажаа карактер и добро парираа додека имаа сила, но на крајот сепак пресуди искуството и квалитетот на гостите од Скопје.

Мечот почна во израмнета борба, а најрасположен беше Бојан Трајковски, кој ги постигна првите шест поени за „соколите“ (6-6). Фени поведе со 11-6, гостите набрзина се вратија, по што првата четвртина заврши со минимална предност на кавадаречката екипа од 22-21. Избраниците на тренерот Малинков беа за нијанса подобри до финишот од полувремето, но по водството од 40-36 во 17. минута домаќините за момент „заспаа“, а гостите го искористија тоа и го свртеа резултатот, па со тројката на Шепа заминаа на одмор со четири поени предност (44-48).

Третиот период од натпреварот мина во тактичко надмудрување во кое ниту еден од двата тима не доминираше, за Карпош соколи завршниот удар да го зададе на почетокот од последната четвртина. Имено, по тројката со која Пајиќ израмни на 68-68 гостите направија серија од 12-2 и за првпат дојдоа до двоцифрена позитива (70-80). Фени се приближи до 76-82 на две минути до крајот, но Пери со тројка стави крај на надежите дека кавадарчани би можеле да му се одмаздат на фаворитот за поразот во финалето од Купот на Македонија

Зековиќ постигна 18 поени, Пери 17, а Бојан Трајковски беше стрелец на 15 поени за победничкиот тим, додека најдобри стрелци кај Фени индустри беа центрите Николовски со 18 и Пантиќ со 14 поени.

Се вчитува...