Соколите триумфираа во Талин, но недоволно за пласман во следната рунда

Македонскиот вицешампион, Карпош соколи го совлада составот на Калев со 81-78 во реванш пресметката во Талин, но на крајот тоа не беше доволно за пласман во следната рунда. Домаќинот обезбеди пласман во второто коло од квалификацискиот циклус во ЛШ, поради поубедливиот триумф на средбата во Скопје. Ова не е крај на приказната за Даскаловски и неговите кошаркари кога се работи за европските натпреварувања, бидејќи продолжуваат да се борат во квалификациите за Евро-купот.

Николовски и Соколов со по една тројка отворија за тимот од Карпош, имаа и предност од 10-3 по само 5 минути игра, но во следните неколку напади домаќинот возврати, а по неизвесниот крај, првиот период заврши во корист на „соколите“, 14-13.

Екипата на Калев возврати со две тројки на стартот од вториот период и го презедоа водството (19-16), а на пауза заминаа со минимални 36-35. Учинокот од линијата за три поени кај домашниот состав се поправи во однос на првата четвртина. Истото не можеше се каже и за составот на Даскаловски, но Карпош Соколи беа перфектни кога станува збор за слободните фрлања.

image

Ништо не се смени и во продолжението од средбата. Соколи со желба за надигрување одговорија на секој напад на кошаркарите на Калев, повторно со употреба на главното оружје, надворешниот шут ги одржуваше во живот. Македонскиот вицепрвак ја доби четвртината со два поени предност, 25-23 (61-59), па во завршните 10 минути се надеваа дека ќе изградат предност со која би имале шанси за пласман во следната рунда.

Крајно неизвесна беше завршницата во Талин, но гостите од Скопје никако не дојдоа во можност да направат серија со која би стигнале до посакуваниот триумф кој води во следното квалификациско коло. Резултатот беше во нивна корист, но тоа не беше доволно за победата да биде послатка. И овој период го освои Карпош, повторно со минимална разлика, а конечниот исход на средбата беше 81-78.

Дури четворица кошаркари во тимот на Соколи имаа двоцифрен број на поени, Џејлон Браун постигна 19, додека Соколов, Николовски и Мекфејден уфрлија по 16 поени. За домашната екипа на Калев најразигран кошаркар на паркетот беше Бранко Мирковиќ со 17 поени, Јанари Јоесар дода 12, додека Бојан Суботиќ заврши со 10 поени.

 

Се вчитува...