„Соколите“ во Загреб: На мегдан со големиот фаворит Цедевита (20 ч.)

Во првиот натпревар од 24. коло во АБА лигата, Карпош Соколи вечерва од 20 часот гостува во Загреб против второпласираната екипа во јадранската лига, Цедевита.

Огромна е желбата на „соколите“ да стигнат до уште една победа против Цедевита во регионалното натпреварување, по оној триумф од 89-81 во Скопје, во рамките на 12. коло. Иако, останува фактот дека овој пат Хрватите максимално атакуваат на победа во желбата за зачувување на втората позиција на табелата која носи предност за полуфиналното разигрување потоа.

„Знаеме дека Цедевита е голем фаворит. Имаат силен мотив да дојдат до триумф, но имаме и ние свои мотиви. Победите до крајот ни се неопходни за да стигнеме до целта и следната година да се натпреваруваме во АБА лигата“ – велат од таборот на Карпош Соколи.

„Соколите“ во моментов се на делба на деветтата позиција на табелата со девет победи и 14 порази. Морнар, Крка, Задар и МЗТ Скопје се екипите кои ќе се обидат да ја избегнат последната позиција на табелата, како би останале во АБА лигата.

На врвот на табелата, на три кола до крајот, е Црвена Звезда со 22 победи и еден пораз, пред Цедевита која има 17 победи и Будуќност и Партизан кои се со 16 победи и седум порази.

Се вчитува...