Сопругата на Клаудио Браво открива: Чилеанците се пијанчеа, затоа нема да одат на СП во Русија

Чиле остана без пласман на Светското првенство во Русија, и тоа секако е голем удар за фудбалот во оваа земја. Чилеанците имаат големи фудбалски ѕвезди како Алексис Санчез, Артуро Видал, Клаудио Браво, но ќе го гледаат мундијалот од пред телевизиските екрани.

Но, скандалот го откри сопругата на Клаудио Браво, Карла Пардо, која јавно нападна дел од репрезентативците на Чиле, истакнувајќи дека се пијанчеле во текот на квалификациите и токму затоа нема да бидат дел од мундијалот.

„Сега не треба да плачете. Сега плаче целата нација, а вие сте виновни за тоа. Но, кога ќе го носите дресот на националниот тим треба да бидете чесни и вистински професионалци. Знам дека додека едни вредно тренираа, другите се пијанчеа и пропуштаа тренинзи поради тоа. Те чекам мој капитене со раширени раце“, напиша Карла Пардо за социјалните мрежи и предизвика вистинско цунами во Чиле, по големиот неуспех на репрезентацијата.

Клаудио Браво се обиде малку да ја ублажи работата.

„Не е сега време за да ги вадиме сите валкани алишта надвор. Тоа е се што можам да кажам. Инаку, секој треба да си го понесе својот дел од одговорноста. Сите сме доволно возрасни и сосема свесни дека потфрливме“, истакна Клаудио Браво.

 

Се вчитува...