СП во Франција: Русите потклекнаа пред Норвешка, Полска загуби и од Бразил

Норвешка направи огромен чекор напред кон осминафиналето од мундијалот откако по Полска, вечерва славеше и на дуелот против Русија (). Селекцијата што лани стигна до полуфинале на ЕП во Полска и на овој шампионат прикажува одлична игра, па неслучајно почна со настапите во групата А со максимални четири бода по првите две кола. Клучната предност против Русија беше направена во првото полувреме што Норвежаните го добија со 15-11, по што одиграа рутинско второ полувреме во кое не дозволија „зборнаја“ да се врати и да им го загрози триумфот.

Бјорнсен беше најефикасен во редовите на Норвешка со седум погодоци, Сагосен постигна шест, а одличен беше и голманот Бергеруд со 14 интервенции. Сорока со осум гола беше најдобар поединец кај Русија, Горбок постигна четири погодоци, Шишкарев беше стрелец на два гола, а под своето вообичаено ниво одигра Тимур Дибиров, кој не постигна ниту еден погодок од четирите удари кон противничкиот гол.

Полска, која настапува значително ослабена на овој мундијал поради отсуството на десетмина досега стандардни репрезентативци, го претрпе и вториот пораз во групата А. По неуспехот против Норвешка, избраниците на Талант Душебајев попладнево загубија и од Бразил со резултат 28-24. Како пресуден се покажа фуриозниот старт на Бразилците, кои го отворија мечот со водство од 5-0, за нешто подоцна во текот на првото полувреме да имаат и „плус седум“ (14-7). На одмор се замина со предност на „кариоките“ од 16-11, по што јужноамериканската селекција рутински го контролираше резултатот и стигна до посакуваниот триумф. Толедо со осум и Лангаро со седум гола беа најефикасни кај победничката селекција, додека главен играч при овој пораз на Полска беше Пачковски со шест гола од седум обиди.

Се вчитува...