Спировски: Мора да останеме со ладни глави, сакаме триумф и со Албанија

Македонската репрезентација, по вчерашното враќање од Израел, во Струмица ги продолжи подготовките за новата пресметка во квалификациите за Светското првенство 2018 во Русија. Избраниците на Игор Ангеловски утре од 20:45 часот ги очекува дуелот со Албанија…

„Израел веќе е зад нас. Овој триумф беше повеќе од добредојден, но мора брзо да го заборавиме и без никаква еуфорија веднаш да се насочиме на новите предизвици“ – вели фудбалерот од средниот ред, Стефан Спировски.

„Овие репрезентативни успеси не смеат да бидат инцидентни од време на време, но веќе мора да создадеме победнички менталитет. Затоа посакуваме ново добро издание и победа и против Албанија во Струмица. Верувам дека ќе имаме голема поддршка од трибините која ќе ни помогне да дојдеме до нови посакувани бодови. Нема воопшто да биде лесен натпревар, против исклучително квалитетен противник кого секако го респектираме. Но, мислам дека ќе имаме сили да ги израдуваме нашите навивачи“ – дополнува новиот фудбалер на унгарски Ференцварош.

Националниот тим во попладневните часови ќе го одработи и официјалниот треннинг на стадионот „Младост“. Вечерва се очекува тренингот и на фудбалерите на Албанија кои денеска од Скопје се селат во Струмица.

Се вчитува...