Сплит нема пари и го губи ракометното ЕП?

Сплит е еден од градовите што треба да бидат домаќини на Европското ракометно првенство што ќе се одржи во јануари следната година во Хрватска, но Европската ракометна федерација (ЕХФ) има сериозни забелешки околу подготовките. По реакцијата од ЕХФ се поизвесно е дека Сплит ќе го загуби ЕП, а натпреварите што требаше да се играат во „Спаладиум Арена“ ќе бидат преместени во Задар.

Хрватскиот ракометен сојуз добил писмо од ЕХФ во кое е изразена загриженост околу текот на подготовките во еден од градовите домаќини на следното ЕП.

ЕХФ открила неколку недостатоци  во и околу „Спаладиум Арена“ и на ХРС, на хрватската Влада и на градот Сплит даден им е рок од две недели да обезбедат гаранции дека ќе бидат исполнети сите услови за организација на натпреварите од ЕП. Во спротивно на Сплит ќе му биде одземена организацијата на една од групите на ЕП 2018.

Според информациите што ги пренесуваат хрватските медиуми, главен проблем во Сплит се финансиите, а во „Спаладиум Арена“ поради градско-стечајните проблеми не може да се спроведат потребните подготовки за ЕП. Од градската управа во Сплит уверуваат дека се прават напори да се реши проблемот.

Го повикавме Хрватскиот ракометен сојуз на итен состанок, да го спасиме тоа што може да се спаси, бидејќи во медиумите се појавија информации дека Сплит може да остане без ЕП и дека како алтернатива се споменува Задар. Дојде до проблем поради оспорениот буџет на град Сплит во кој беа предвидени два милиони куни за организација на ЕП во „Спаладиум Арена“. Новиот градски буџет треба да биде донесен во јули и се надеваме дека ситуацијата ќе се реши“- изјави Озрен Бужаниќ, советник за спорт на градоначалникот на Сплит, Иво Бадасар.

Европското ракометно првенство во Хрватска ќе се одржи од 12 до 28 јануари 2018 година, а градови домаќини треба да бидат Загреб, Пореч, Вараждин и Сплит.

Се вчитува...