Србинот Предраг Вејин нов ракометар на Металург

Металург денеска го официјализира договорот со повремениот српски репрезентативец, Предраг Вејин (24) кој игра на позицијата десен бек.По неколкуте одработени тренинзи со екипата, Вејин ги задоволи критериумите на Лино Червар, што резултираше со потпишување договор до крајот на сезоната, со можност за продолжување на соработката, објавено е на официјалниот клупски сајт на Металург.

„Со оглед на тоа што Војислав Брајовиќ си замина, а на таа позиција го имаме само младиот Мартин Велковски, имавме потреба од уште еден десен бек во екипата во пресрет на доигрувањето во првенството на Македонија и во натпреварите во Купот на Македонија. По неколкуте одработени тренинзи со екипата, младиот српски ракометар одлично се вклопи во тимот и, што е многу важно, ги задоволува критериумите за игра во двата правци, во добрана и во напад“ – вели Лино Червар.

Тренерот на Металург се надева дека во следните неколку дена ќе се завршат административните работи и Вејин ќе може да настапи и во двата преостанати гостински натпревари во СЕХА лигата, со Нексе и со Извиѓач.

Вистинско задоволство е да се биде во тим на чие чело стои еден од најдобрите стратези во светот, Лино Червар. Ни малку не се двоумев кога ја добив понудата од Металург бидејќи тоа е клуб вреден за почит, со богата традиција и со име добро познато во ракометна Европа. Свесен сум дека покрај тоа што ќе помогнам со мојата игра, тука многу и ќе научам и ќе се надградам како играч, бидејќи Червар е еден од ретките тренери што имаат трпение и што сакаат да работат со млади ракометари. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на тренерот и на тимот и со својата игра ќе придонесам за остварување на амбициите на клубот“ – изјави новиот играч на Металург, Предраг Вејин.

Српскиот ракометар потекнува од школата на Металопластика, а во Металург доаѓа од тимот на Ал Џезеира од Обединетите Арапски Емирати. Во својата кариера, Вејин има настапувано за шпанскиот Адемар Леон (2013-2015)и за францускиот Данкерк (2015-2016).

Се вчитува...