Станковски: Работнички ќе се врати на победнички патеки… Захариевски: Најлош настап на мојот тим оваа година

Работнички по четири меча без триумф во првенството, денес над Пелистер ја оствари првата победа под водство на тренерот Горан Станковски. „Романтичарите“ го совлада тимот од Битола со сигурни 2-0, а Станковски може да биде задоволен од прикажаното на неговите играчи.

„Како што потенцирав и на претходните натпревари, во мојот тим се приметуваат подобрувања, особено во офанзивата. Одигравме на високо ниво, на теренот делувавме одговорно и дисциплинирано цели 90 минути. Им честитам на моите фудбалери, пред се за трудот кoj го даваат на тренинзите, кој денес се рефлектираше на самиот меч. Јас бев уверен дека со трпение и напорна работа ќе постигнеме позитивни резултати, а сигурен сум дека со ваков однос кон работата, Работнички полека ќе се врати на победничките патеки“, вели Станковски.

Тренерот на Пелистер, Срѓан Захариевски е крајно незадоволен од играта на неговиот тим по поразот 2-0 против Работнички на „Филип Втори“ арената. Тој вели дека Пелистер го одигра најлошиот меч во оваа година, а со таков настап не може да очекува триумф.

„Сосема заслужена победа на екипата на Работнички. Ние денес го одигравме најлошиот натпревар оваа година. Со ваков настап поразот е неминовен, ќе мора зналително да се подобриме за следниот меч кој ни е за два дена против Силекс“, истакна Захариевски.

Се вчитува...