Станковски: Секој играч сака и се труди за Работнички да победува… Бубања: Ова не личи на Победа

Работнички им се врати на победите откако беше поразен од Шкендија претходното коло. Денеска избраниците на Горан Станковски доминираа против екипата на Победа и славеа со 4-0. Станковски може да биде задоволен што неговиот состав четири пати го најде патот до мрежата на противникот, но свесен е дека веќе во следното коло ги очекува тешко гостување против Академија Пандев.

„Задоволен сум како го одигравме натпреварот, моите играчи одлично ги извршија задачите дадени за оваа средба. Добро е што во воведните минути го отворивме резултатот, потоа се беше во наша корист. Мило ми е што триумфиравме вака сигурно и покрај тоа што ни недостасуваа неколку првотимци. Не е важно кој ќе настапи од првата минута, секој сака и се труди да одигра на високо ниво. Во секој случај, ова е многу важна победа за нас. Впрочем, секој натпревар ни е важен, сакаме да остваруваме позитивни резултати против секој противник, но чекор по чекор.  Во следното коло не очекува тешко гостување во Струмица, веќе од утре ќе се подготвуваме за Академија Пандев, па очекувам уште еден добар настап од моите фудбалери“, истакна Станковски по натпреварот.

IMG_5905

Со денешниот пораз  од Работнички, Победа полека, но сигурно тоне во долниот дел од табелата во Првата лига, а тренерот Славољуб Бубања не може да биде задоволен по доживеаниот дебакл на „Филип Втори“ арената.

„Голема е разликата во квалитет, но не пресуди само квалитетот, туку и желбата за победа. Ова што го прикажаа денеска моите играчи не е по моја мерка, многу работи сменив откако пристигнав тука, но овој клуб сигурно вака не може да продолжи. Не знам како ќе биде во иднина, но можам да кажам дека состојбата во клубот не е идеална, фудбалерите на овој начин не можат никако да придонесат за Победа. На полусезона мора да се направат големи промени за да се вратиме на вистинскиот пат, бидејќи Победа е стар клуб и добро познат низ годините во поранешна Југославија, а ова денес не личеше на Победа. Им честитам на Работнички за триумфот, како и на фер и коректната игра“, вели Бубања.

Се вчитува...