Стартуваше ребрендирањето на „Телеком арена“ за УЕФА Супер купот 2017

Со почетокот на годинава стартуваа и активностите околу подготовката на најголемиот македонски стадион за Супер купот на УЕФА кој не очекува на 8. август оваа година.

Почна и ребрендирањето на „Телеком арената“ комбинирано со активностите околу довршување на фасадата на Северната трибина и на поттрибинскиот простор на Источната трибина. И тоа како значајни забелешки имаа изминатиот период од УЕФА очекувајќи дека комплетно ќе бидат реализирани сите активности за успешна организација на Супер купот.

Според забелешките, на Северната трибина, меѓу вториот и третиот кат, постои простор од повеќе од 2.000 квадратни метри што мора да се стави во функција. На тој простор планирано е реновирање на простории за ВИП-гостите и партнерите на УЕФА. А, ќе биде прошируван и комплетниот простор за подобрување на работата на медиумите, новинарските ложи, и прес-просторот.

telekom arena 1

Според најавите, натпреварот од Супер купот на УЕФА ќе биде пренесуван со 20 камери, за кои ќе биде неопходен и поголем простор на Северната трибина. Извесна адаптација ќе има и за пристапните влезови на трибините.

Делегација на УЕФА претходно беше во посета во ноември минатава година, а овој месец ќе следи нова посета за контрола на активностите околу подготовката за организацијата на еден од најголемите европски клупски настани годинава.

Се вчитува...