Ништо ново во Работнички: Пари нема, салата „кочан“

Минаа десет дена од новата 2017 година, а во Кошаркарскиот клуб Работнички ситуацијата останува „статус кво“, нема пари за играчите и стручниот штаб, но ниту сала во која „црвено-белите“ би ги почнале подготовките за новата натпреварувачка сезона.

Членовите на Работнички најавија штрајк на стартот од новата година поради неисполнетите ветувања на управата околу исплата на платите што им се должеа. Ниту една од трите плати не им е исплатена, незадоволството расте од ден на ден, а уште поголем проблем претставува големиот студ што придонесе да дојде до „поларни температури“ во салата „Градски парк“.

Имено, салата каде Работнички ги игра домашните натпревари, но и ги одржува своите тренинзи, воопшто не беше греена во изминатите петнаесетина дена, поради што не постојат никаква шанси истата да биде оспособена за Марин Докузовски и неговите избраници да почнат со тренинзи, дури и доколку дел од нивните финансиски побарувања бидат задоволени. „Кочан салата“ е најновиот од низата проблеми за раководството на најтрофејниот кошаркарски колектив, кое ќе мора што поскоро да реагира со оглед на фактот дека продолжението на првенството е закажано за 21 јануари.

Се вчитува...