Стјепановиќ: Фативме залет, можеме да ја изненадиме Шкендија

Работнички е во победнички ритам, па „романтичарите“ се надеваат дека можат да останат непоразени и на неделното гостување против лидерот Шкендија во Тетово, во рамките на Првата фудбалска лига. На претходниот дуел од Купот против Шкендија, Работнички ремизираше 1-1, а потоа доживеа елиминација на пенали.

„Нема многу допирни точки тој натпревар од Купот, секој меч е посебна приказна. Но, сега размислуваме позитивно, фативме залет во првенството и ќе се обидеме да ја изненадиме и Шкендија, која секако е фаворит, со оглед дека игра на домашен терен и е лидер во шампионатот. Тимот се здоби со потребната самодоверба, мислам дека сега многу подобро функционираме на тимски план и верувам дека и в недела ќе одиграме квалитетен меч. Доколку ни се укаже шанса, секако дека ќе се потрудиме да извлечеме позитивен резултат во Тетово“, вели искусниот играч за врска, Остоја Стјепановиќ, за официјалниот сајт на клубот.

Во пресрет на 14 коло од Првата лига, Работнички се наоѓа на шестата позиција со 16 бода, и еден одигран меч помалку, додека Шкендија е првопласирана, со 31 освоен бод.

Се вчитува...