Стоилов: Барса е една од најдобрите екипи во светот - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
23/10/2017 22:47
Ракомет
23/10/2017 17:02
Коментари
23/10/2017 13:15
Останато
22/10/2017 20:35

Стоилов: Барса е една од најдобрите екипи во светот

Стоилов: Барса е една од најдобрите екипи во светот

Ракометарите на Вардар со нетрпение го очекуваат новиот предизвик во Лигата на шампионите, пречекувајќи го во Скопје најголемиот ривал за првото место во групата, тимот на Барселона (17.30 часот, СЦ „Јане Сандански). Каталонците имаат седум бода по првите четири кола, исто колку и „црвено-црните“, па јасно е дека денешниот дуел ќе биде многу значаен за врвот на табелата кој носи и многу полесен пласман до Ф4 турнирот во Келн. Во јуни „вардарци“ на завршниот турнир во полуфиналето ја совладаа Барселона со еден гол разлика, а каталонскиот гигант возврати со победа во рамките од Суперглоуб турнирот во Доха.

Капитенот на „црвено-црните“, Стојанче Стоилов, е свесен за квалитетите на противникот и ги повика навивачите да им дадат поддршка на „вардарци“ во обид повторно да се земе скалпот на еден од најголемите европски клубови.

Барселона е една од најдобри екипи во светот. Оваа година ни го нанесоа единственот пораз на Супер Глоуб турнирот, па се надевам дека ќе го смениме впечатокот и ќе ги победиме на домашен терен. Немаме повредени играчи, сите се желни и подготвени за победа. Се надевам со помош на навивачите дека ќе ја оствариме посакуваната цел. Оваа година немавме проблеми во нападот само против Пик Сегед. Не ги користевме чистите шанси и тоа мораме да го поправиме. Секогаш на нашите натпревари противничкиот голман е најдобриот на терен. Уште минатата година екипите започнаа да не респректираат, а оваа сезона мислам дека добро се носиме со титулата шампиони“, истакна Стојанче Стоилов.

Сличен е ставот и на тренерот Раул Гонзалес, кој посочи дека нивото на игра на двата тима е приближно исто, а предноста на Вардар треба да му ја донесат навивачите.

„Играме против Барселона, најголем противник во групната фаза. Тие имаат добри играчи со искуство, знаат како да играат вакви натпревари, мора одбраната да функционира на вистинско ниво ако сакаме да победиме. Голманот Перез де Варгас е голем адут на Барселона, тој според мене е многу добар голман и треба да бидеме концентрирани во нападот. Мора да добиеме поддршка од трибините, бидејќи двете екипи се на исто ниво и затоа очекувам многу тежок натпревар, но верувам во тимот и во нашите навивачи и мислам дека имаме шанса за победа“, вели Раул Гонзалес.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.