Стоилов и Талески меѓу номинираните за „олстар-тимот“ на ЕП во Хрватска

Пикерот Стојанче Стоилов и левиот бек Филип Талески се двајцата македонски репрезентативци кои се наоѓаат меѓу вкупно 40 ракометари номинирани за „олстар-тимот“ на Европското првенство во Хрватска. На секоја позиција се наоѓаат по петмина кандидати избрани од ЕХФ, а веќе традиционално се избира и најдобар дефанзивец на шампионатот. Гласањето е отворено до 27.јануари точно напладне, а „олстар-тимот“ ќе биде објавен официјално в недела, во текот на последното шоу на ЕХФ Еуро 2018, во 17 часот.

Ракометарите се номинирани врз основа на нивните сеопфатни карактеристики низ целиот шампионат досега. Не се зема во предвид само гол-реализација, туку и перформансите во одбраната, бројот на блокади, асистенции и реакции во решавачки моменти во текот на секој натпревар.

На позицијата пикер, покрај Стојанче Стоилов (Македонија), номинирани се и Бјарте Мирхол (Норвешка), Адриан Фигуерас (Шпанија), Блаж Благотиншек (Словенија) и Јеспер Нилсен (Шведска).

На позицијата лев бек, покрај Филип Талески (Македонија), номинации од ЕХФ добија и Микел Хансен (Данска), Уладзислав Кулеш (Белорусија), Борут Мацковшек (Словенија) и Симон Јепсон (Шведска).

Се вчитува...