Стоилов: Ќе ни биде потешко од лани, но јас верувам во Вардар

Ракометарите на Вардар продолжуваат со напорните подготовки за искушенијата што ќе ги очекуваат во следниот период. По слабиот настап на трите контролни средби во Германија (една победа и два порази), „црвено-црните“ сега се фокусираат на претстојниот Супер-глоуб, на кој ќе атакуваат на титулата светски клупски првак. Потоа ќе следи и одбраната на трофејот во Лигата на шампионите, за кој на избраниците на Раул Гонзалес им е јасно дека им претстои неверојатно тешко искушение.

„Јасно е дека ќе ни биде потешко од лани. Ние сме шампионите на Европа и ќе се соочиме со притисок, да играме како прваци на секој натпревар. Секако дека нема да биде лесно, но искрено верувам дека овој тим може да ги оправда тие очекувања. Целта е поинаква, сега треба да ја одбраниме титулата, но за да го сториме тоа најпрвин ќе треба да обезбедиме место на фајналфор во Келн“ – изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Традицијата вели дека од воведувањето на Ф4 во 2010 година ниту една шампионска екипа не успеала наредната сезона да ја одбрани титулата. Сепак, седум години истото важеше и за ракометарите, па Иван Чупиќ го урна тоа „проклетство“. Зошто да не се случи на крајот од новата сезона тоа да го стори и Вардар.

  

Се вчитува...