„Страшна Македонија“, нов нокаут за Чешка

Македонија го одржува континуитетот од настапи на големите натпреварувања откако нашата репрезентација вечерва славеше над Чешка со преубедливи 33-20, за освојување на првото место во групата во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. Нашите ракометари имаа сметки за израмнување по убедливиот пораз во Плзењ минатата година, па вечерва одиграа феноменално, уште повеќе набивајќи им комплекс на Чесите при нивните настапи во Скопје.

Уште од самиот почеток беше очигледна фокусираноста во редовите на македонската селекција. Обраната на чело со повратникот Аце Јоноски функционираше беспрекорно, внесувајќи уште поголема сигурност кај Борко Ристовски, кој го имаше најдобриот меч во овој квалификациски циклус. Чесите првиот гол го постигнаа во шестата минута, а Македонија водеше од почеток до крај. Во ритам од самиот старт беше Кире Лазаров, кој одигра неповторливо прво полувреме во кое постигна дури девет погодоци со само едно промашување. Подеднакво добро функционираа и нападот и одбраната, па на одмор се замина со убедливи 16-10, со фантастичниот двоен цепелин на Лазаров и Манасков.

IMG_6673

Јасно беше дека Чесите немаат капацитет за камбек, Македонија продолжи да доминира. Во моментите кога имавме краток „пост“ во нападот на голот блескаше Ристовски, а потоа на спротивната страна во ритам влегоа и Лазаров и Жарко Пешевски. Разликата од минута во минута се повеќе се зголемуваше, па во 44. минута Македонија за првпат дојде и до двоцифрена позитива (25-15). Гонзалес го повлече од игра Ристовски, но и нововлезениот Никола Митревски продолжи со одличен настап на голот на нашата селекција. Македонскиот селектор ги повлече од игра и останатите „стартери“, но и со резервниот состав „црвено-жолтите“ знаеја како да ја одржат убедливата предност, па со головите во празна мрежа на голманот Митревски и на Талески на крајот да слават со преубедливи 33-20.

Кире Лазаров со 11 гола беше најефикасен во македонскиот табор, пред Манасков со шест и Пешевски со четири погодоци, додека Борко Ристовски беше одличен на голот со 16 одбрани за помалку од 50 минути игра.

IMG_6651

Македонија го освои првото место во оваа квалификациска група и ќе се најде во вториот шешир при ждребот за Европското Првенство. Чешка оди на ЕП во Хрватска како второпласирана, а билет за континенталниот собир ќе има и за Исланд, како најдобра третопласирана репрезентација во овие квалификации, по вечерашната победа над Украина.

Се вчитува...