Струга ТЛ крои прволигашка екипа: И Нијаз Лена го засилува тимот!?

Амбициозниот второлигаш Струга Трим Лум не запира со најавите за засилување на тимот за пролетниот дел од сезоната во Втората лига – Запад.

Како што е познато, Струга Трим Лум продолжението од првенството го очекува и со нов тренер откако палката на тимот ја презеде Александар Танчески, а претходно се засилија со еден од најперспективните домашни голмани, Филип Трајчевски од Вардар, како и со охриѓаните Антонио Каланоски и Наум Вељаноски.

Како можно засилување за стружани сега се спомнува македонскиот интернационалец Нијаз Лена, поранешен младински репрезентативец на Македонија кој има одиграно и два натпревари за македонската сениорска селекција. Лена од денеска се приклучува на тренинзите на тимот, засега единствено за одржување на формата во очекување на нов интернационален трансфер. Доколку не се реализира нов ангажман во странство може да се очекува пролетва да биде дел од Струга Трим Лум.

31-годишниот Лена изминативе осум години настапуваше во албанското првенство, најпрво во Фљамуртари Валона, па во Теута и Кукс. Претходно, го носеше и дресот на Македонија ЃП.

Се вчитува...