Судија херој му спаси живот на фудбалер среде натпревар

Хрватските судии најчесто се ставени „под лупа“ за своите одлуки на натпреварите на Динамо Загреб, но овојпат Бруно Мариќ ги собра пофалбите на целокупната јавност во својата земја откако овој арбитар ја имаше улогата на херој на куп-средбата меѓу Цибалија и Истра, спасувајќи му живот на домашниот дефанзивец Томислав Шкртаљ.

Тој остана да лежи неподвижен на теренот по еден дуел пред крајот на првото полувреме, а додека останатите беа во шок Мариќ му пријде и му го извлече јазикот, не дозволувајќи Шкртаљ да се задуши.

„Ете, конечно и јас дочекав да ми честитаат по натпревар“ – на шега прокоментира Мариќ по мечот, па проговори за ситуацијата од финишот од првото полувреме: „Самиот Бог ме прати овде, да му помогнам на ова момче. Знаев дека морам да го свртам на грб и да му го извадам јазикот. Еден од неговите соиграчи стоеше крај него, но беше во преголем шок за да реагира. Кога му ставив рака во уста, силно ме гризна, но знаев што морам да направам, важно ми беше само да му го извадам јазикот“.

Се вчитува...