Судот пресуди: Антиќ нема да добие ниту долар од полицијата во Њујорк

Перо Антиќ нема да добие ниту еден долар од полицијата во Њујорк откако судот во овој американски град ја отфрли тужбата на македонскиот кошаркар, поради претерана употреба на сила при апсењето на Антиќ и неговиот екс-соиграч Табо Сефолоша.

И додека Сефолоша доби милионска сума како отштета, поради фактот дека при приведувањето се здоби и со скршеница на ногата, во случајот на Антиќ судот имаше сосема поинаков став.

Имено, судијата денеска целосно ја отфрли тужбата на Македонецот со образложение дека полицаецот требал да донесе одлука во даден момент и неговата реакција воопшто не била надвор од правилата. Воедно, судијата потенцираше дека фактот што Перо Антиќ не бил повреден при приведувањето е јасен знак за запазената процедура.

„Разочарани сме од ваквата судиска одлука и сериозно размислуваме за жалба. Сметаме дека во случајов има прашања што треба да ги разреши порота, а не еден судија“ – изјави Дерек Селс, еден од адвокатите на Антиќ во овој случај.

Се вчитува...