Супер Ол-стар во „Стејплс центарот“: Тимот на Леброн подобар од „ѕвездите на Кари“!

Првиот НБА „Ол-стар“ меч во новиот формат донесе и нешто покомпетитивна кошарка во однос на претходните години, на крајот тимот на Леброн Џејмс победувајќи го оној на Стеф Кари со 148-145.

Мечот почна израмнето, но тимот на Кари прв дојде до посериозна предност од +11 на крајот од првиот период. Почетокот на втората четвртина донесе и +15 за тимот на Стеф, за да од тогаш се разигра Леброн Џејмс на спротивната страна и до полувремето дојде до негатива од само два поени (76-78).

Првото полувреме не донесе некои атрактивни потези, ако се исклучат можеби некои инцидентни атракции на Леброн и Антетокуомпо.

И по мирниот трет период, последната четвртина донесе навистина натпреварувачки меч. Двете екипи играа солидна одбрана, со бројни прекршоци и огромна желба на двете страни да се дојде до победата. Иако тимот на Стеф Кари на седум минути до крајот имаше +13, сепак на 90 секунди пред крајот Леброн Џејмс погоди тројка за 144-144.

ДеМар ДеРозан на 40 секунди пред крајот погоди едно слободно фрлање за минимална предност од 144-145, но Леброн брзо врача и носи водство од 146-145. Веќе потоа, по промашувањето на противникот, Вестбрук погоди за конечни 148-145 за тимот на Леброн.

Леброн Џејмс беше најдобар во својата екипа со 29 поени, 10 скока и 8 асистенции, а од неговиот тим се истакнаа и Кевин Дурант со 19 поени и Пол Џорџ со 16 поени. По 14 поени дополнија Бил и Драмонд.

Во составот на Стеф Кари најефикасни беа ДеМар ДеРозан и Дамијан Лилард со по 21 поени, а 19 поени дополни Ембид. Самиот Стеф Кари постигна 11 поени.

Се вчитува...