Супер вест: Чековски доаѓа да помогне!

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе биде посилна за Ѓорѓи Чековски во претквалификациите за СП 2019, откако кошаркарот на Работнички се согласил да дојде и да му помогне на националниот тим во овој циклус. Селекторот Јорданчо Давитков неколку пати разговараше со искусниот кошаркар за негов камбек во репрезентацијата, а дека разговорите вродиле со плод потврди и директорот на националниот тим, Тодор Гечевски, кој на првиот собир истакна дека „Чековски 99% ќе игра за Македонија“.

Во ситуација кога и Бојан Трајковски поради повреда отпаѓа од комбинација за настап, а МКФ и селекторот се решија за странец на бековската позиција, јасно е дека позициите центар и крилен центар остануваат најпроблематични за „црвено-жолтите“. Токму затоа од огромно значење е што разговорите со Чековски завршиле успешно, а помошта од аспект на квалитет, но и на искуство, ќе биде огромна за да се стигне до едно од првите две места во групата, обезбедувајќи пласман во главните квалификации.

Како што дознава ЕКИПА, договорот е долгогодишниот репрезентативец во текот на оваа седмица да се приклучи на националниот тим, по што ќе отпатува со остатокот од селекцијата на подготовките во Маврово.

Камбекот на Чековски дефинитивно е одлична вест за македонската кошаркарска репрезентација, па сега останува само уште една дилема – дали Перо Антиќ ќе го следи примерот на својот поранешен колега од националниот тим. Екс-капитенот побара време за да размисли и да се консултира со семејството, најавувајќи дека одлуката ќе ја донесе наскоро.

Се вчитува...