Супермен го „згасна“ и Мбапе: Против Роналдо за бесмртност!

Јувентус синоќа полагаше уште еден тежок тест во Лигата на шампионите, минувајќи го повеќе од успешно со победа во првата полуфинална средба против Монако од 0-2. И, сето тоа во голема мера и благодарение на големиот Џанлуиџи Буфон…

Џиџи Буфон претходно си ги реши Барса и Лионел Меси, кој остана со „кратки ракави“ затоа што се уште не успеал да го совлада во професионалната кариера. Синоќа, „Супермен“ имаше сериозен тест против еден од најмоќните напади во Европа каде блеска Килиан Мбапе.

На денот на раѓањето на Килиан во 1998 година, Буфон бранеше за својата Парма против Венеција и не прими гол. Тоа за него тогаш беше 108 настап за матичниот клуб. А, денес продолжува моќно и против младите сили…

bufon supermen 2

Во десет натпревари од Лигата на шампионите, Јувентус во осум излезе со нечепната мрежа. „Волшебникот“ кој сега влегува во 40-та година од животот и зад себе има 100 натпревари во Лигата на шампионите, од кои на дури 60 нема примено гол.

Впрочем, не го носи залудно прекарот „Супермен“, уште од времето додека бранеше за Парма. И, сега му недостасува само Лигата на шампионите. Неговата најголема опсесија иако тоа не сака директно да го признае. Големиот Буфон двапати бранеше во финале на ЛШ и двапати беше порази. Од Милан во 2003 година на „Олд Трафорд“, односно Барселона во 2015 година во Берлин.

Јувентус сега е блиску до финалето во Кардиф кое се игра на 3. јуни. Таму би требало да ги чека Реал Мадрид, доколку Атлетико не приреди некое чудо. Па, Џиџи Буфон завршната битка би ја имал со Кристијано Роналдо… За конечниот влез во историјата – и бесмртност!

Се вчитува...