Сутјеска ќе ја напаѓа „Јасмин“, Фени ја брани без капитенот

Четири најдобропласирани екипи во првата групна ваза од Балканската БИБЛ лига ќе обезбедат пласман во најдобри осум од кои потоа само најдобрите четири ќе се пласираат на фајналфор турнирот. Фени Индустри, единствената македонска екипа која е поранешен шампион на балканското натпреварување, вечерва (19ч.) ќе го брани домашниот терен на кој досега освои максимални четири победи.

Салата „Јасмин“ ќе се обиде да ја освои Сутјеска која има три победи на гости. Тимот од Никшиќ ќе напаѓа со сите сили додека од тимот од Кавадарци на списокот ќе го нема капитенот Кире Николовски.

Стандардниот центар заработи повреда минатиот месец и е при крај со рехабилитацијата, но тренерот на трикратниот шампион во домашното првенство Љупчо Малинков, одлучи и денес да го поштеди.

„Кире тренира со нас, но не би сакал да ризикувам прерано да настапи и да ја обнови повредата. Против Сутјеска дефинитивно нема да игра, но ќе биде подготвен за стартот на домашното првенство (21. јануари). Приоритет ни е Кире да е подготвен за натпреварот против Карпош соколи во БИБЛ за седум дена отколку да ризикуваме против Сутјеска“ – вели Малинков.

Се вчитува...