Талески: Германците се извонредни шутери, но немаат класичен среден бек

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

 

Филип Талески одигра квалитетен натпревар против Црна Гора, а од нашиот интернационалец во Бундес-лигата се очекува уште подобро издание на утрешната пресметка со Германија. Тој целосно им ја препушта фаворитската улога на противниците, порачувајќи дека македонските ракометари треба да уживаат во дуелот во кој нема што да се загуби.

„Она за што се подготвувавме на првите две средби, го покажавме она што го знаеме на терен и стигнавме до две победи. Пресреќен сум што имаме добра позиција во оваа добра група. Германија е пред нас, тоа е актуелниот шампион на Европа. Ние не чувствуваме никаков притисок, немаме што да загубиме, а тие мора да одат на победа ако сакаат да одат на победа. Ние треба да се подготвиме, да одиграме најдобро што можеме, тоа да биде натпревар за душа во кој можеме многу да добиеме, но не и да загубиме“ – изјави Талески на денешната прес-конференција.

Нашиот млад бек настапува за Рајн-Некар Левен во Бундес-лигата, така што добро ги познава квалитетите на противниците.

„Сметам дека голманскиот тандем Волф – Хајневетер е најдобар на овој европски шампионат. Против Волф немам шутирано, против Хајневетер да. Сепак, не е работата само во голманите, туку во гранитната одбрана што функционира одлично. Имаат разорни бекови со силни шутеви, Германците инстираат на ист интензитет играјќи 60 минути во идентичен ритам. Ако има некаква слабост во нивните редови, тоа е што немаат класичен среден бек како плејмејкер, но затоа шутерски се одлични подготвени. Ние ќе мораме да одиграме многу подобро во одбраната отколку против Црна Гора ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат“ – истакнува Филип Талески.

Се вчитува...