Талески: Ме споредуваат со Лазаров, но треба уште многу за да го стигнам

Филип Талески заедно со Дејан Манасков пред неколку дена отпатува за Германија, каде почна со работа во својот нов клуб Некар Левен. Фактот дека на 20-годишна возраст веќе има зад себе успешни настапи во Лигата на шампионите, како и низа натпревари во репрезентативниот дрес, го привлече вниманието на германската јавност кон Македонецот, кој не го крие воодушевувањето што станува дел од „лавовите“ од Манхајм.

Не можев да поверувам дека клуб како Некар Левен ме бара и сака да ме ангажира, тоа беше неверојатен момент за мене кога сфатив дека постои можност да заминам во еден од најголемите европски клубови. Имав долг разговор со тренерот Јакобсен, кој веднаш ми остана силен впечаток. Се надевам дека ќе ги исполнам неговите очекувања“ – истакнува Талески за германските медиуми.

Кога станува збор за врвен ракометар од Македонија, асоцијација веднаш е Кире Лазаров, па неизбежни се споредбите меѓу актуелниот и идниот лидер на нашиот национален тим.

Одлично е чувството кога луѓето повлекуваат паралели меѓу мене и Кире Лазаров. Знам дека постојат споредби, но вистината е дека ми треба уште многу работа за да го достигнам. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата на сите оние кои веруваат во мене“ – вели Талески.

Левиот бек сезонава беше предводник на Металург во Лигата на шампионите, а неговата „приказна“ во елитното европско натпреварување почна на гостувањето во Германија, против Кил, во април 2014 година, кога без преголем респект за „зебрите“ ова голобрадо 18-годишно момче постигна неколку погодоци.

Тоа е меч што никогаш нема да го заборавам. Едноставно, се чувствував добро, немав никаков притисок и дадов се од себе против еден од најдобрите клубови во светот. Тој меч ми даде верба дека можам да играм на високо ниво против најдобрите во Европа. Од првиот ден на мојата кариера, за цел си поставив да се преселам во Бундес-лигата. Мислам дека германскиот менталитет ќе ми одговара и ќе имам можност уште повеќе да се развијам како играч“ – со оптимизам гледа кон иднината големиот талент на македонската ракометна сцена.

Се вчитува...