Талески: Не се предаваме, играме за Македонија!

Филип Талески капитенски ја предводи оваа генерација до најголемиот успех и првото мундијалско четвртфинале за македонскиот ракомет. Пласманот во осминафиналето на младинското СП во Алжир беше првата зацртана цел за младите македонски ракометари.  Четвртфиналето беше посакуван чекор напред кој оваа генерација успеа да го направи. Денеска (19.30 ч.) македонските надежи ги очекува дуелот со Франција за место меѓу четирите најдобри во светот.

„Натпреварот со Алжир долго ќе го паметиме бидејќи тоа беше посебен за нас. Игравме против домаќинот и против 8.200 публика. За нас ова не беше обичен натпревар туку историски каде што се беше во наши раце. Го направивме тој чекор напред и испишавме една историја. Ќе се памети дека Македонија била меѓу најдобрите осум во светот“ – вака македонскиот капитен, Филип Талески, ги пренесува впечатоците по синоќешната победа на Македонија во осминафиналето на СП (У21).

А, неполни 24 часа по историскиот успех, македонската репрезентација ја чека уште еден предизвик, поголем од сите други – дуел со актуелиот шампион, репрезентацијата на Франција. Седми натпревар за десет дена и тоа против „првите меѓу најдобрите“. Македонските ракометари добро ја знаат силата на противникот и колку тежок меч им претстои вечерва, но, како што вели капитенот, подготвени се да соберат сили и да одиграат најдобро што можат. Противникот е Франција, но и влогот е голем, полуфинале на СП…

„Денеска играме против Франција,  најголемата велесила во ракометот. Истрошени сме, немаме одмор ни 24 часа од едниот до другиот натпревар, но ќе дадеме се од себе и последниот атом од нашата сила, па ќе видиме како ќе биде после натпреварот. Сите добро знаеме што е Франција во ракометот. Многу се квалитетни знаат да играат ракомет, но нема да се предадеме. ИГРАМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!“ – вели Филип Талески.

Се вчитува...