Талески со Рајн Некар Левен го освои германскиот Супер Куп

Македонскиот репрезентативец, Филип Талески со германскиот шампион Рајн Некар Левен стигна до првата титула на стартот на новата сезона. „Лавовите“ од Манхајм го освоија германскиот Супер Куп, триумфирајќи против Кил со  32-30 по изведувањето на седмерци, откако мечот во регуларниот дел заврши со резултат 29-29. Талески беше во составот, но не доби шанса на терен на овој меч, кој мина во знакот на двете нови имиња во двата тима – Миха Зарабец кај Кил и Џери Толбринг во составот на Рајн Некар Левен

Рајн Некар Левен и Кил одиграа изедначен и до крај неизвесен натпревар во кој победникот беше решен во продолжението со пенал серија. И двете екипи во текот на мечот имаа највисока предност од три гола. Кил го имаше приматот на терен во првото полувреме кога поведе со 2-5, а потоа и со 4-7. Но, во продолжението ракометарите на Рајн Некар Левен успеаја да ја анулираат негативата и да го преземат водство кое на полувремето изнесуваше 14-11.

Сепак, натпреварот доби комплетно друга насока во второто полувреме. Кил предводен од сигурниот Никлас Ландин на голот и со расположениот Миха Зарабец во нападот, се врати во игра, изедначи на 19-19 што донесе неизвесен финиш. Во последните секунди Кил влезе со предност од 28-29, но прецизен во клучниот момент беше новото лево крило на Рајн Некар Левен, Џери Толбринг и погоди за изедначување на 29-29, резултат со кој заврши регуларниот дел од натпреварот, а победникот потоа беше решен по изведувањето на седмерци. Трагичар на Кил во пенал-серријата беше Марко Вуjин кој не го реализира седмерецот во третата серија, а потоа Грецки стави точка на мечот и му ја обезбеди титулата на Рајн Некар Левен.

Новото засилување во редовите на Кил, Словенецот Миха Зарабец блесна во својот деби настап за „зебрите“ и со осум гола од кои седум од игра, беше најефикаесен играч на овој меч . Кај Рајн Некар Левен по четири гола запишаа Шмит, Толбринг, Петерсон и Пекелер.

Се вчитува...