„Тео 4“ – Дефиниција за успешен кошаркарски камп

Кога си кошаркар од највисока класа како Милош Теодосиќ, важиш за најатрактивен европски играч, а во моментов успешно настапуваш и во НБА-лигата, големината е и во тоа да сакаш дел од своето знаење да го поделиш на оние најмладите. Токму затоа, Теодосиќ од пред неколку години почна со организација на својот камп „Тео 4“, на кој работат бројни квалитетни стратези (од Македонија тренер е Александар Петровиќ, актуелен предводник на Куманово), а Теодосиќ секогаш наоѓа време да дојде и да го збогати спектаклот заедно со дел од своите репрезентативни колеги како Богдановиќ, Јовиќ, Радуљица, Марковиќ…

Уште од првата година дел од овој камп се и деца од Македонија, но желбата на организаторите е бројот на учесници од нашата земја уште повеќе да се зголемува.

„Ова е трета година како го организираме кампот. Досега имавме околу 1.500 деца од 50 различни земји, на возраст од девет до 17 години. Од Македонија имавме околу 100 деца, бројка што очекуваме да порасне на овогодинешниот камп“ – вели координаторот на кампот, Лазар Гојковиќ.

Кампот повторно ќе се организира на Сребрено Језеро, во убав амбиент крај реката Дунав, на околу 110 километри оддалеченост од Белград. Сепак, организаторите е посебно горди на сериозноста на работата и интензитетот на тренинзи.

„Клучна разлика меѓу нашиот и останатите кампови во регионот, е начинот на работа. Иако има многу кампови, ние се разликуваме по принципот на работа и на ангажман на децата. Многу сме поквалитетни од сите, клучот е принципот на работата на тренерите. Ние не сме комерцијален камп, туку бараме таленти и ги учиме децата што е тоа кошарка и како да станат подобри кошаркари“ – со гордост коментира Јован Теодосиќ, братот на Милош кој своевремено настапуваше за МЗТ Скопје, а сега го води кампот „Тео 4“.

И оваа година како и претходната, „Тео4“ ќе се организира во вкупно седум смени, од 20 јуни до 15 август, а вообичаена е пракса кошаркарот што ќе биде избран за МВП на смената да добие бесплатно учество за наредната година.

„Минатата година МВП беа деца од Словенија, Литванија, Србија, Данска, Бугарија, Грција и Естонија. Од споменатите, сигурно ќе има неколку сериозни играчи, кога ќе стасаат во сениорските години“ – вели Гојковиќ

 

Се вчитува...