Теодор е изборот за странец, се чека уште пасош од новата Влада

Џордан Теодор е изборот на Македонската Кошаркарска Федерација за странски кошаркар во нашиот национален тим за претстојните претквалификации за СП 2019 во Кина. Од неколкуте кошаркари кои беа разгледувани како опции, на крајот изборот паднал врз Теодор, кој има зад себе одлична сезона во дресот на Банвит (каде тренери се Македонците Сашо Филиповски и Боби Митев) во која беше избран и за МВП на Лигата на шампионите на ФИБА, каде турскиот првак стигна до големото финале.

Станува збор за играч на позицијата „комбо-бек“, кој одлично се снаоѓа и како плејмејкер и како шутер, со слични предиспозиции како Лестер Бо Мекејлеб, странецот со кого Македонија го оствари најголемиот успех во својата историја.

jordan teodor

Џордан Теодор е заеднички избор на нас како федерација и на селекторот Давитков и очекуваме со комплетирањето на постапката со добивање на пасош тој да биде на располагање за претстојниот квалификациски циклус“ – истакна претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски.

Постапката за добивање на пасош според Наумоски е стартувана уште пред извесно време, но не е финиширана поради политичката криза во државата.

Ние ја имаме поднесено иницијативата пред повеќе од еден месец и истата е одобрена од пониските инстанци, но за комплетирање на целата постапка неопходна е одлука на Владата на РМ.  Поради ситуацијата во изминатиот период не беа носени одлуки на оваа тема, но се надевам дека по формирањето на новата Влада на РМ и оваа точка ќе се најде на дневен ред за дефинитивно да биде комплетиран процесот на натурализација, за да доведеме врвен кошаркар во нашата репрезентација“ – изјави Наумоски.

Се вчитува...