Тодоров: Кога се игра брза кошарка, мора да се примаат и многу поени

МЗТ Скопје ја прекина мини-серијата од два порази во АБА-лигата, триумфирајќи на тешкото гостување во Лакташи против Игокеа. За успехот да е уште поголем, „металците“ ја прекинаа успешната серија на домаќините, кои во претходните две кола зедоа скалпови на два големи фаворити, Будуќност и Цедевита. Тренерот Александар Тодоров има причини за задоволство од извонредната игра во нападот, овозможена од фуриозниот почеток на неговите избраници.

Им кажав на кошаркарите и на состанокот пред мечот, Игокеа влезе со две победи, а ние со два порази и очекувано беше да има потценување од нивна страна. Во кошарката кога ќе влезете во меч со неправилен пристап, потоа тоа тешко се исправа. Нам ни овозможи да тргнеме фуриозно во нападот, во првите пет шест минути сите шутеви ни беа чисти, а потоа кога ќе се разиграме тешко е некој да не запре. Игокеа се врати, се влезе во неизвесна завршница, но сметам дека заслужено победивме во мечот во кој голем дел имавме водство“ – изјавува Тодоров.

Македонскиот првак повторно одигра под нивото во одбрана, примајќи 99 поени, но според Тодоров тоа е нешто што го диктира и стилот на игра во нападот.

Ако сакаме да играме бавно и да го намалиме бројот на поседи, сигурно можеме да играме и на околу 70 примени поени. Сепак, не го правиме тоа бидејќи верувам во офанзивниот потенцијал на мојата екипа и настојувам да имаме што повеќе напади и шутеви кон противничкиот кош, да ги добиваме натпреварите со офанзивна кошарка. Кога се игра брзо, мора на спротивната страна да се примаат и многу поени. Секако дека на моменти е фрустрирачки како примаме кошеви, целта е во следниот период просекот да го намалиме под 80 поени по натпревар. За цврста одбрана неопходно е и тимот да се воигра, да се игра квалитетно како колектив, верувам дека ние наскоро ќе го достигнеме тоа ниво“ – вели стратегот на МЗТ Скопје.

Македонскиот првак утре во рамките од второто коло од Првата лига ќе се сретне со екипата на Шкупи, а следен предизвик во АБА-лигата е домашниот дуел со Цибона, закажан за понеделник.

Се вчитува...