Тодоров на излезна врата, МЗТ бира нов тренер

Поразот на вечното дерби со Работнички речиси сигурно ќе биде и последен натпревар на Александар Тодоров на клупата на МЗТ Скопје, а конечната разврска се очекува во текот на денешниот ден. Тој на средбата со новинарите по вчерашниот пораз „меѓу редови“ го најави своето заминување, а за денеска е закажана средба со клупската управа по што ќе биде донесена и клучната одлука.Како што стојат работите, ќе дојде до прекин на соработката, а на раководството на МЗТ Скопје потоа ќе биде да донесе тешка одлука за кратко време, да се избере нов тренер што ќе го води тимот на неделниот натпревар од АБА против Морнар, еден од клучните дуели за опстанок во регионалното натпреварувања.

Резултатската криза што траеше извесно време придонесе уште пред дербито со Работнички да се нудат тренери, па сега на директорот Грнчаров и на остатокот од управата е сега да пресече – најпрвин да избере дали тоа ќе биде домашен тренер или странец, а потоа од неколкуте опции да се избере и новиот стратег.

Сашо Филиповски е најзвучното име кога станува збор за македонските стручњаци, овој тренер со европско реноме се наоѓа близу до отказ во Банвит, па би можел да биде заинтересиран за доаѓање на клупата на МЗТ. Враќањето на Боби Митев исто така е една од опциите, а се споменуваат и имињата на Боби Петровски и на Боро Даскаловски, кој е без ангажман по заминувањето од Карпош соколи, тим со кој на стартот од сезонава ги совлада „металците“ во македонското првенство.

Како и во претходните години, повторно МЗТ Скопје  е интересен и за тренерите од регионот, па така преку менаџери е понуден Дамир Мулаомеровиќ, а опција е и поранешниот македонски селектор Јовица Арсиќ, но и актуелниот црногорски кормилар Звездан Митровиќ, кој има ангажман во францускиот прволигаш Монако.

Денеска е слободен ден за екипата, што управата ќе го искористи за да пресече, дали дефинитивна разделба од Тодоров и доколку тоа се случи, наоѓање на вистинска замена во стратег кој експресно ќе може да направи „шок-терапија“ и да го разбуди заспаниот тим од Аеродром.

Се вчитува...