Тодоров со Пеќ го растури Кожув во БИБЛ

Кожув е многу далеку од пласман во полуфиналето од БИБЛ-лигата откако македонскиот прволигаш вечерва загуби со преубедливи 83-66 на гостувањето во Косово против Пеќ. Екс-тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, целосно ја доби тактичката битка со Игор Михајловски, па Пеќ водеше од почеток до крај и со одлични 17 поени предност ќе патува на ревнашот во Гевгелија.

Кризата и негрижата на управата за која тренерот Михајловски се пожали во текот на вчерашниот ден очигледно се одразува врз настапите на гевгеличани, кои денеска не наликуваа на тимот што играше одлична кошарка во последните неколку месеци. Пеќ го искористи тоа, доминираше во речиси целиот натпревар, па сега пред „црвено-белите“ од Гевгелија е исклучително тешка задача – да ја надминат огромната негатива ако сакаат да стигнат до полуфиналето во регионалното натпреварување.

Мекнил со 21 и Крстевски со 14 поени беа најефикасни кај Кожув, додека прв стрелец на Пеќ беше Американецот Камерон Рандлс со 20 поени.

Се вчитува...