Томовски блескаше на голот, Металург го победи Загреб ППД (25-22)

Металург успеа да слави голем триумф над Загреб ППД (25-22) во натпреварот од СЕХА – лигата што се одигра во СЦ „Борис Трајковски“. Избраниците на Лино Червар беа аутсајдери пред стартот на мечот, но прикажаа одлична игра и го изненадија хрватскиот тим.

Загреб ППД подобро го започна мечот и оствари предност од четири гола (3-7). Во 18.минута Металург остана без својот пикер Пешевски, кој заработи црвен картон по еден дуел со противничката одбрана.

metalurg - zagreb 2

Но, избраниците на Лино Червар успеаја потполно да се вратат резултатски до крајот на првиот дел. Младиот голман Томовски застана на голот и одбрани неколку удари, а на спротивната страна, Обрадовиќ, Кузмановски и Нелоски погодуваа.

Во вториот дел, вистинска ренесанса на „металурзите“. Изградија предност од пет гола разлика (19-14), па иако Загреб ППД се доближи на два негатива, сепак, на крајот Металург стигна до голем триумф.

Младиот голман Мартин Томовски блескаше со 15 одбрани, а Филип Кузмановски и Немања Обрадовиќ постигнаа по пет гола во составот на Металург. Кај Загреб ППД, Мандалиниќ беше стрелец на седум погодоци.

Се вчитува...